Проглас

Април 16, 2014

први мај постерРаботници, граѓани, синдикалисти и синдикати, Координативното тело  на Повелбата за солидарност на синдикатите и организациите за заштита на работничките права во Македонија ве повикува да ни се придружите со поддршка и присуство во одбележувањето на 1 мај, Меѓународниот ден на трудот. Read the rest of this entry »


Попуст за регистрирање и технички преглед на возило

Март 25, 2014

ССНМ обезбеди поволности за нашите членови при техничкиот преглед на возило и дополнителни бенефиции од останатите услуги во станицата за технички преглед АСУЦ „Боро Петрушевски“.
Во поволностите кои следуваат при користење на комплетна услуга (технички преглед + полиса) се вклучени:
– 15% попуст на цената на техничкиот преглед и на услугата.
– Бесплатно перење на возилото
– Бесплатна промена на предните диск плочки
– Бесплатна промена на надворешни сијалички на возилото
– Бесплатно дотерување на светлата и на рачната сопирачка
– Бесплатна проверка на разладна течност и мотор
– Бесплатна проверка на акумулатор
– Бесплатно монтирање на регистарски таблички
– Три бесплатни контролни прегледи на возилото
Секој член на ССНМ при користење на комплетната услуга во АСУЦ (технички преглед и полиса) добива вредносен ваучер од 2000 денари што може да се искористи за:
– Автодијагностика со најсовремен мототестер
– Промена на масло и филтер за масло
– Промена на филтер за полен
– Дијагностика на амортизери
– Пет перења на возилото
– Проверка на квалитетот на течноста од системот за сопирање
Тимот на АСУЦ се грижи сите членови на ССНМ услугата за регистрација и технички преглед на возилото да ја добијат на едно место. Потребните документи и клучот од возиилото се предаваат кај референтот за регистрација кој го завршува целиот процес.
На шалтерот на АСУЦ покрај референтот за технички преглед двосменски работи и Банка, референт на МВР и брокер за осигурителна полиса.
За користење на попустот потребно е да се потврди членството во ССНМ со покажување на членската карта


КОНКУРС ЗА НОВИНАРСКИ АНАЛИЗИ

Декември 4, 2013

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници распишува конкурс за новинарски „анализи на случај“, што ќе бидат презентација на појавите поврзани со професионалните и работни права на новинарите и медиумските работници како дел од проектот „Јакнење на работните права во медиумите“.

Анализата треба да се потпира на конкретен случај или случаи со интервју и фактографија како и законската регулатива. Трудот не треба да биде поголем од 3.000 зборови, односно 20.000 знаци.

Трудовите ќе бидат објавени во публикацијата „БЕЛА КНИГА“ која ќе биде презентирана на завршната меѓународна конференцијата  што ќе се одржи во Скопје.

Сите заинтересирани можат да аплицираат со пополнување на formular za apliciranje  заедно со подетални информации за критериумите за апликација. Пополнетиот формулар треба да се испрати најдоцна до 12 декември на адреса konkurs@ssnm.org.mk

Конкурсот е отворен за сите новинари, а избраните апликанти ќе мораат да ги достават своите текстови најдоцна до 15 јануари 2014 година.


Писмо од Европската федерација на новинарите

Август 17, 2011

По повод отпуштањето на претседателот на ССНМ Тамара Чаусидис од ТВ АЛСАТ-М со писмо до сопственикот Ферик Велија и до премиерот Никола Груевски се обрати претседателот на Европската федерација на новинарите Арне Кениг. Во писмото се вели:

Почитувани,

Ви пишуваме во име на Европската федерација на новинари (EFJ), регионалната група на Меѓународната федерација на новинари  (IFJ) која застапува повеќе од 260.000 новинари во повеќе од 30 европски земји, за да ја изразиме нашата голема загриженост во врска со ситуацијата во македонските медиуми  особено за произволните отпуштања.

Во јуни 2011 година, на годишниот состанок EFJ усвои Изјава со која се осудува “широко распространетото постоење на неправедни договори  со кои  вработените  се принудени да потпишат сопствен отказ  на почетокот од нивното вработување”. И покрај тоа  во изминатите недели бевме известени дека во прилог на оваа неприфатлива пракса, Претседателот на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) беше и самата отпуштена од  позиција во Алсат М телевизија од Скопје. Ова разрешување доаѓа откако претходно е отпуштен  друг синдикален претставник.

Ние сме силно вознемирени од широката и загрижувачка практика на отпуштања на  медиумските работници во Македонија, врз основа на договори потпишани под притисок или во отсуство на каква било соодветна мотивација освен наводна “спогодбена согласност”.

Всушност, ваквата ситуација нам ни делува како  бесрамно  кршење на стандардите на Европската унија и Меѓународната организација на трудот  кои се однесуваат на работничките права, а згора на тоа разрешувањето на синдикални лидери заради  нивните активности е јасен доказ за дискриминација и заплашување.

Со цел да се надмине оваа состојба, сметаме дека наспроти ова  Република Македонија треба да развие култура на социјален дијалог, фер работни односи и соодветна синдикална застапеност.

Медиумските работодавачи  како што е телевизијата Алсат-М се одговорни за прекумерен притисок, заплашување на вработените и кршење на работничките права. Со тоа, тие се обидуваат да ги замолчат  новинарите и нивните синдикати, што е во директна  спротивност со основните демократски принципи  за новинарството како јавно добро.

EFJ ги поддржува новинарите на Македонија и нивниот синдикат во нивната борба за правда. Загрижени сме за ситуцијата на новинарите во Македонија и во Југо-источна Европа и заедно со Организацијата на медиуми од Југо-источна Европа (SEEMO) се обидуваме да ги подобриме условите во кои работат.

Затоа ве повикуваме да се заложите во создавањето на фер работни услови за сите новинари. 

 

 Со почит,

Аrne König

Европската федерација на новинари (EFJ)

 

17 Август 2011 година, Скопје


ОБСЕ:Да запре „алармантното“ опаѓање на слободата на медиумите

Август 11, 2011

Виена, 11 август 2011 – Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ, во писмото упатено до новиот Министер за надворешни работи Никола Попоски, денес изјави дека е алармирана од драстичниот пад на слободата на медиумите и на продолжената репресија врз медиумите и критичките гласови во земјата.

“За жал, ова е веќе четврти пат во последните два месеца како покренувам разни прашања поврзани со тековното опаѓање на слободата на медиумите. И покрај повторените повици до владата да ја промени ситуацијата и да покаже респект за заложбите за слобода на медиумите на ОБСЕ, се чини дека ситуацијата се влошува,” изјави Мијатовиќ.

Минатата седмица Советот на МРТ, јавниот сервис, соопшти дека го прекинува мандатот на сите седуммина членови на управниот одбор на МРТ на 31 јули, иако процесот на именување на нови членови се уште не е започнат. Оваа одлука го остава управувачкиот одбор без членови и без можност да функционира.

“Од суштинскo значење е кога Советот одлучува за измените во управувачкиот одбор на МРТ да го толкува законот во најдобар интерес во насока на одржување на еден политички и уредувачки независен јавен сервис,” вели Мијатовиќ

Покрај тоа, на 9 август, Тамара Чаусидис, која е претседател на независниот синдикат на новинарите, беше отпуштена без најава, од страна на нејзиниот работодавец, телевизијата Алсат-М. Според информациите, Чаусидис била под притисок да ги редуцира своите активности поврзани со синдикатот.

“Иако овој чекор на Алсат-М ТВ би можел да се прикаже како чиста деловна одлука, всушност таа е индикација за високополитизираната природа на состојбите во медиумите и за стравот од критичките гласови” вели Мијатовиќ.

Овие дејствија се последните во серијата на вознемирувачки настани кои ја погодуваат слободата на медиумите во земјата, додаде таа.

Агенцијата за електронски комуникации контроверзно одлучи да ја повлече лиценцата за А1 ТВ, најстарата телевизиска станица во земјата, која се соочува со даночни давачки во висина од 9 милиони евра, а која беше прогласена за банкротирана минатата седмица. Таа беше принудена да престане со емитување програма на 30 јули.

Покрај тоа, три весници запреа со илзегување во почетокот на јули, откако не можеа да ги платат даночните долгови. А1 Тв и дневните весници се под истрага за даночно затајување и перење пари од крајот на 2010 година. Нивните банкарски сметки се замрзнати од 27 јануари.

До затворањето дојде во пресрет на измените на законот за радиодифузна дејност, со кои се зголеми бројот на Советот за радиодифузија од 9 на 15. Дополнителните 6 членови ќе бидат номинирани од тела кои се моментално под контрола на парламентарното мнозинство.

“Овие амандмани се спортивни на целта на законот, која се состои во обезбедување на политичката независност на регулаторната власт,” напиша Мијатовиќ во писмото упатено до властите на 19 јули.

Мијатовиќ им понуди на властите асистенција од страна на нејзината канцеларија при ОБСЕ за да и се помогне на земјата да го сврти овој вознемирувачки тренд и да ги исполни заложбите зацртани од ОБСЕ и меѓународните стандарди за слобода на медиумите.


Од денешната прес конференција

Август 9, 2011

Денешната прес конференција е свикана заради потребата да алармираме за една малициозна пракса која се почесто се применува во медиумите, но не само кај нив. Имено, станува збор за праксата работодавачите да се ослободат од непожелните работници врз основа на  злоупотребени потписи  за да се добие потврда за некаков спогодбен отказ.Тоа е незаконска постапка за која мораме јавно да проговориме. Конкретно по несупешните обиди да се замолчам како претседател на синдикатот мене ми е соопштено дека повеќе не работам во ТВ АЛСАТ-М и дека тоа се базира врз спогодбен отказ. Кога и како е дојдено до мој потпис и до документ што јас воопшто не сум го видела, ќе се утврдува во судската постапка која, немајте дилеми ќе ја покренам и ве уверувам дека ќе ја добијам.

Колеги, оваа прес конференција не е посветена на фактот дека сум незаконски отпуштена. Ова е проблем поголем од индивидуален случај безоглед што се работи за претседател на синдикатот кој е заштитен според ЗРО. Станува збор за метода со која се суспеднира Законот и сето она што тој го предвидува од аспект на работничките права. За ова е информирана Меѓународната и европската федерација на новинари, тие посебно ќе ја информираат Меѓународната организација на трудот затоа што ова не е само новинарски проблем, ова е нешто што се случува   и во другите гранки на стопанството и ова е  нешто што мора да престане да се применува. Светот за жал ќе  ја дознае грдата вистина дека во Македонија, во 21 век работниците се принудувани или злоупотребени сами да потпишуваат сопствен отказ. Контактите што вчера ги имав со колегите од Брисел ме уверуваат дека ова е податок на ниво на скандал и како таков ќе биде третиран.

Воедно јавно апелирам до коелеите синдикалци, претседателите на големите синдикални Сојузи, конфедерации и федерации  да преземат нешто. Ова е вистинското прашање за кое треба да се разговара на средбите со надлежните и со здружението на работодавачи.ССНМ е млад синдикат  и се уште се бори за своето место..но вие имате и средства и начин нешто да направите, да го адресирате овој проблем кој практично го суспендира Законот врз основа на кој ние како Синдикати ги штитиме своите членови. Ги повикувам и надлежните институции да реагираат.

Нема дилеми дека ова  е првенствено  атак врз синдикатот и обид да се сосече во корен, уште на самиот почеток секаква идеја да самоорганизираме и заштитиме.Пораката е јасна: ако ова можат да му го направат на претседателот на синдикатот кој според Законот за работни односи не може да биде отпуштен од ниту една деловна причина, тогаш што може да очекува синдикален член? Дека станува збор за тенденциозно заплашување на Синдикатот говори и фактот дека претходно  од работа на ист начин, со злоупотребен потпис беше отпуштен и нашиот синдикален преставник во АЛСАТ-М  Боби Христов.

Јас сум убедена дека овој потег на раководството на АЛСАТ-М  е сугериран и охрабруван и од други адреси, адреси кои се исто така се заинтересирани да бидеме заплашени и дезорганизирани како еснаф. Но– кога вака фронтално тргаат на нас веќе по пола година од нашето формирање  – тоа значи дека се плашат, тоа значи дека се свесни, можеби повеќе и од нас за нашата сила. Затоа е многу важно  оваа информација да не го зголеми  чувство на малодушност.Токму спротивното. Овој отказ за ССНМ е токму она што ни требаше:мотив повеќе, доказ повеќе дека сме на вистинскиот пат и дека ќе победиме.

Ова не е време за молчење, не е време за анонимни писма – време е за со име и презиме да проговориме што ни се случува. Време е да излеземе од стереотипите за луѓе кои се подготвени се да трпат и одмолчат. Барем ние како медиумски работници не би смееле да бидеме плашливи.. Колеги, секој оној што ја жртвува слободата и сопствениот интегритет заради социјалната сигурност на крај ги губи и двете.

Тамара Чаусидис


Реакција од ЗНМ, МИМ и од Синдикатот на укинувањето на фреквенцијата на А1ТВ

Јули 31, 2011

ImageНачинот на кој Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) на 30 јули 2011 година ја укина фреквенцијата на националната телевизија А1 претставува груба повреда на Законот за радиодифузната дејност и на надлежностите на Советот за радиодифузија.

Укинувањето на фреквенцијата е направено без одлука за одземање на дозволата на А1 од страна на Советот за радиодифузија , кое е единственото тело надлежно за спроведување  на Законот за радиодифузната дејност. Согласно членот 55 од овој Закон, одобрението за користење фреквенции, АЕК го издава само врз основа на одлука за доделување дозвола за радиодифузна дејност, од што јасно произлегува дека АЕК не може своеволно да го одземе ова одобрение без акт на Советот за радиодифузија.

 

Нагласуваме дека ваквата повреда на законската постапка е спротивна на Препораката 2000 (23) на Советот на Европа за независните регулаторни тела во радиодифузијата, според која овие тела се единствено надлежни за доделување и одземање на дозволите на радиодифузерите, а фреквенцијата на која зрачи радиодифузерот е само технички аспект на дозволата со кој се овозможува емитувањето на програмата.

Ваквиот преседан сериозно ја загрозува слободата на изразувањето, независноста на медиумите и независноста на регулаторното тело во радиодифузијата. Суспендирана е правната држава и владеењето на правото, со што се поставува модел на однесување според кој дозволите за работа на радиодифузерите и во иднина можат да бидат одземени без да се почитуваат процедурите, законот и меѓународните стандарди.

Бараме Советот за радиoдифузија итно да се произнесе за оваа ситуација, да престане со тактизирање и со пролонгирање на своите постапувања, и сериозно да се заложи за спроведување на Законот за радиодифузната дејност. Во спротивно, регулаторно тело кое не може да го спроведува Законот и да ја заштити независноста на медиумите никому не му користи и прашање е зошто воопшто постои.

Скопје, 31 јули, 2011


За А1

Јули 26, 2011

ImageЗдружението на новинарите и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумски работници изразува длабоко жалење поради стечајната постапка за ТВ А1 и искрено се надева дека таа нема да доведе до нејзино згаснување.

Очекуваме дека  сите надлежни инстанци ќе го споделат нашето уверување дека македонскиот медиумски простор би бил сериозно осиромашен со затворањето на најстарата приватна телевизија во Република Македонија. Особено загрижувачки е фактот што стечајната постапка би можела да доведе до губење на работа на  голем број наши колеги. Во таа смисла ССНМ веќе е во комуникација со синдикалниот претставник на ТВ А1 и до своите членови достави образец за побарувања кои треба да се упатат до стечајниот управник во случај на прекин на работниот однос. За сите натамошни чекори ССНМ на своите членови им нуди правен совет и помош.

Случувањата на „Перо Наков“ уште еднаш ја потенција важноста да  се организираме и да настапиме како единствена сила која ќе ги принуди работодавачите да не остават простор затворањето на некој медиумот да биде претставено како борба со криминал ставајќи знак  на еднаквост помеѓу новинарството и незаконското работење

Скопје 26.07.2011


По повод одлуката на ДТИ за отказните решенија во Утрински

Јули 20, 2011

ImageKoга пред неполн месец нашите колеги добија експресен отказ затоа  што  се охрабрија да проговорат јавно и да се спротивстават на менаџментот констатиравме дека до сите нас е испратена страшна порака- дека нема надеж, порака дека во оваа професија се опстанува само со молчење и со наведната глава .За среќа се потврди она што синдикатот постојано го зборува – ТОА не е така и законите на оваа земја тоа не го предвидуваат. Одлуката на трудовата инспекција е охрабрување за сите, особено за Синдикатот дека можеме да сметаме на институциите, дека сепак не се решава се од позиција на сила и моќ, дека постојат Закони и постојат институции кои ќе ни помогнат тие да се почитуваат. Ова е  директно охрабрување да престанеме да молчиме и веднеме глава кога ни се крши рбетот. Да ја напуштиме малодушноста и да се охрабриме да бараме она што ни припаѓа..ништо повеќе, но и ништо помалку од она што Законот ни го гарантира.
Синдикатот во својата програма ја има зацртано  соработката со институциите на системот. Трудовата инспекција, УЈП, судовите секаде во светот па и кај нас би требале да бидат наши партнери во напорите за почитување на законите кои ги штитат работниците. Токму оваа одлука на трудовата инспекција тоа го покажува во пракса.
Правната битка на колегите од Утрински продолжува.Продолжува  битката и на другите колеги од други медиуми на кои им се ускратени работничките права. Но таа сега продолжува  со уште повеќе ентузијазам и увереност дека сме на добар пат вистински и суштински да ја смениме таа грда слика на еснафот како замолчана, исплашена толпа која лесно може да се манипулира.


Заедничко соопштение на ССНМ,ЗНМ и МИМ

Јули 18, 2011

ImageЗдружението на новинарите на Македонија(ЗНМ), Македонскиот институт за медиуми(МИМ) и Самостојниот  синдикат на новинарите и медиумските работници(ССНМ) изразуваат сериозна загриженост во однос на  предложените измени на Законот за радиодифузна дејност, со кои се предлага менување на структурата и бројот на членовите на Советот за радиодифузија (СРД) од 9 на 15 членови.

Промената на важни закони како што е овој , во брза постапка која не ги вклучува медиумите, експертите и релевантните организации во медиумската сфера дополнително ја комплицира ситуацијата со медиумите во земјава, а ние го толкуваме ова решение како наметнато.

Убедени сме дека секоја промена на регулативата која се однесува на медиумите секогаш треба да се разгледува и да се усвојува  внимателно, преку  транспарентен и отворен процес во кој потребите и сознанијата на медиумските професионалци, експертите и професионалните медиумски организации  ќе бидат земени предвид.

По објавувањето на нашата  реакција  во однос на ова прашање на 12 јули, побаравме итна средба со претставници на парламентарната група која предлогот за измени на Законот го поднесе во Собранието, како и со одговорните органи за оваа дејност во Владата.

На 14 јули остваривме средба со пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, кој е првопотпишан пратеник на листата на подносители на предлог-законот, а на 15 јули се сретнавме и си министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Во разговорите побаравме предложените измени на Законот да бидат повлечени, а Владата и Парламентот да иницираат јавна расправа за проблемите во медиумската сфера, во која ќе се вклучат претставници на медиумите, на професионалните медиумски организации и експертите. Нагласивме дека ова  е добра можност да се разговара и да се изнајдат решенија за сите тековни прашања и проблеми во оваа област.

За жал, нашиот предлог не беше прифатен, и ни беше кажано дека предлагачите се уверени оти предложените измени на Законот ќе ја подобрат ефикасноста на СРД.

Врз основа на овие сознанија, сеге сме убедени дека намерата на предлагачите е Владата и владејачките партии да остварат комплетна контрола врз СРД. За нас, ова  прашање е многу сериозно затоа што независноста на СРД е клучна за независноста на електронските медиуми.

 

Свесни сме дека  Законот за радиодифузија не се спроведува најуспешно и дека пропустите во неговата имплементација придонесоа за лошата медиумска состојба во земјава, за што предупредувавме многупати досега.

СРД има голема одговорност за сегашната состојба со медиумите, но не  веруваме дека  со зголемувањето на бројот на неговите членови проблемите ќе бидат решени.

За крај, со жалење констатираме дека кај институциите во Р. Македонија не постои искрена намера да се отпочне сериозен дијалог со медиумската заедница за решавање на акумулираните проблеми. Разочарувачки е фактот што регулативата што се однесува на медиумите секогаш се носи во последен момент, во кратки и нетранспарентни постапки.

 

 

 


Design a site like this with WordPress.com
Започни